Регионот на Долното Повардарје и Пајоните што го населувале, како непосредни северни соседи на античката Македонска држава и хеленскиот југ, рано влегуваат во делата на античките писатели, како Хомер, Херодот, Тукидит,Страбон и др., како и во историскиот период на својот развој. Овој тесен појас по долното течение на реката Вардар, од Демиркаписката клисура до морето, во кој што од територијата на Република Македонија влегува Гевгелиско-валандовската котлина, во антиката ќе биде наречен Амфакситида. Поради интензивниот живот и високото ниво на културен и економски развиток во железното време, како и погодната географска местоположба на овој регион, не случајно политичкото и територијално физиономирање на древната Македонска држава се одвивало токму во правецот на Долното Повардарје. Со растењето на нејзината моќ и ширењето на Македонија под Александар I, македонската хегемонија се проширила и на овој простор. Со востанувањето на новата престолнина Пела за време на владеењето на Архелај I, ќе се зголеми улогата и значењето на Долното Повардарје или Амфакситида како една од централните области во рамките на античка Македонија. Покрај Пела се развиваат и други градски центри по долината на Вардар, како Еуроп, Аталанта, Гортинија и Идомене, градови со големо стратегиско и економско значење за кои се врзани важни настани од историјата на античка Македонија. Долното Повардарје ќе остане во рамките на Македонската држава се до нејзиниот пад и воспоставувањето на римската доминација на овој дел од Балканот (монети бр. 2 - 62). Сепак, археологијата на Долното Повардарје во минатиот век главно беше во знакот на резултатите од истражувањата на повеќеслојните праисториски населби во грчкиот дел на регионот (Килиндир, Чаушица, Вардаровца, Вардино, Аматово, Катанас). Од друга страна, на територијата на Република Македонија познати се истражувањата на неколку некрополи од железното време во Гегелиско-валандовскиот регион (Сува Кека, Милци, Парагон, Дедели, Марвинци,Зелениште, Глос)., но и на лок. Исар кај Марвинци изведени од страна на Музејот на Македонија (тогаш Археолошки музеј), истражувања со кои што се добиени првите податоци за античкото живеење на регионот и кои сеуште се актуелни. Во последниве десетина години е интензивирано истражувањето на повеќеслојната населба на локалитетот Вардарски Рид, која според својата стратиграфија, хронологија и културни вредности се афирмира како централна населба во протоисториско и раноисториско време во овој дел на регионот. Од една страна населбата се вбројува помеѓу познатите повеќеслојни, во основа праисториски населби по течението на долен Вардар, а од друга, помеѓу раноантичките македонски градови на север од Пела. Населбата на Вардарски Рид овозможува на едно место да се согледаат сите етапи од културниот развиток на Долното Повардарје, од доцното бронзено време до востановувањето на римската доминација во Македонија. Од аспект на расветлување на античкиот период во Македонија за одбележување се добиените податоци за крајот на железното време и почетокот на раната антика, негувањето на праисториските културни традиции, како и процесите на воспоставување на првата урбанизација и градски живот, со сите развојни фази и карактеристики на населбинско живеење на локалитетот.
Афродита,  мермер,скулптура Постамент со правоаголен облик претставена е стоечка фигура на божицата застаната на десната нога, а левата благо свиткана во коленото е испружена напред. Облечена е во долг хитон со врвки, двојно препашан високо под градите, а одоздола носи туника чии ракави се наборани и украсени со кружни копци. Деловите на хитонот до рацете се извлечени и префрлени преку појасот. На долниот дел хитонот паѓа во длабоки и ситни набори, истакнувајќи ја незначително свитканата лева нога. Химатионот е префрлен преку рацете и оди околу грбот, каде што слободно паѓа. Десната рака со испружени три прста е положена на колкот, а левата која недостасува била испружена напред. Косата претставена со ситни прамени е разделена на средина и заврзана високо над челото формирајки два кока, со слабо нагласена лента - тенија во неа. Главата благо свртена на лево со погледот надолу. Очите се бадемасти, носот правилен, а усните мали со блага насмевка на нив. ΙV век пр.н.е. Вардарски Рид VI, Гевгелија 242, инв.бр. 3375 НУМГ (Сламков Е., Уметноста на Вардарски Рид, каталог, Гевгелија, 2004)
Археологија - Античка збирка  
Одделение
Археологија
Античка збирка
Почеток Почеток Музеј - Гевгелија Музеј - Гевгелија Одделение Одделение Оддели Оддели Музејска продавница Музејска продавница Амам Амам Контакт Контакт Настани Настани Публикации Публикации Линкови Линкови Национална Установа  Музеј - Гевгелија National Institution Museum - Gevgelija Национална Установа Музеј - Гевгелија                                                                                                    desing by gorge12