Вардарски Рид е централниот простор во гевгелиско, на кој континуирано се живеело во текот на повеќе од 1000 години, од крајот на бронзеното време (XIII век пред н.е.) до доаѓањето на Римјаните (II-I век пред н.е.). Низ шест последователни населби, почнувајќи од мала праисториска населба на Ридот 1, во текот на V и IV век пред н.е. израснал старомакедонскиот град - античка Гортинија, град посведочен во историските извори како еден од центрите на Античка Македонија. По прекин на населбата повеќе од 1000 години, во полниот среден век (ХI-ХIII век н.е.), секторот некропола повторно се користел за погребување на населението од Вардарски Рид. Откриените наоди на шестте од истражуваните сектори претставуваат остатоци од старомакедонскиот град кој постоел (V-I век пред н.е.), а во секторот ’’Некропола’’ се погребувања од најстарата - иницијална населба од крајот на бронзеното доба (XIII век пред н.е.) и од најмладиот средновековен хоризонт.